НВО Инфоцентар
Школа за односи со јавноста
Во НВО Инфоцентарот во текот на април и мај се одржаа часовите на Школата за односи со јавноста. „Тоа е идеја којашто уште од самиот почеток ја живееме и сакавме да ја заживееме бидејќи сметаме дека односите со јавноста се клучни и за цивилниот сектор, и за компаниите, и за државните институции во смисла на тоа да си обезбедат углед, репутација, влијание” – ни појасни Билјана Бејкова, менаџер на проект во НВО Инфоцентарот.
Во Република Македонија с$ уште нема високообразовна институција на ова поле и од таа причина е донесена одлуката за организирање на Школата, достапна за сите, која не беше скапа, а ги понуди сите клучни елементи за вовед во односите со јавноста. Едномесечната школа со 30 часа, претставува динамичен спој на теорија и практика, а часовите се посветени на различни сегменти на односите со јавноста: вовед во односи со јавноста и репутација, внатрешна комуникација, кризно комуницирање, комуникација со медиумите, менаџирање на настани, испитување на јавното мислење, градење комуникациски стратегии и тестирање. Сите учесници во школата добиваат сертификат.
Предавачи беа: дел од тимот на НВО Инфоцентарот, Емилија Трајковиќ-Христова од ИБМ и Космофон, проф. Виолета Петровска-Бешка и новинарите Горан Величковски и Љупчо Зиков. Учесниците на школата доаѓаа од неколку граѓански организации, од државните институции, од бизнис-секторот, од мали и средни претпријатија и индивидуалци кои се заинтересирани да си ја надградат експертизата.
Плановите на НВО Инфоцентарот се до крајот на годината да организираат уште неколку школи и понатаму да развиваат модули за напредно занимавање со односи со јавноста во различни сегменти, во зависност од посетителите.
Т. Д
|
|