Луѓе: Жаклина Пауновска - Ангелковиќ
Не е важно колку, туку како живееме
Професионално искуство: Волонтер во повеќе сфери на нашето општествено организирање.
Ангажирање во граѓанскиот сектор: Најпрвин член на ЗГ Надеж - Кочани, потоа портпарол на ГАРД - Кочани, од 2001 година член на ЗГ Еднакви за сите - Кочани, а денес актуелен негов претседател. Инаку, ова здружение презема активности за остварување на економски, социјални, културни, образовни, спортски, еколошки и други права, интереси и уверувања.
Хоби и интереси: Првично, морам да го споменам готвењето како моја секојдневна креативна активност. Ме интересираат дреарските, машино-браварските и механичарските работи поради дејноста на мојот сопруг (многу луѓе се вчудоневидени од моите познавања од таа област). Покрај мојот 10-годишен син го продолжувам хобито собирање салфетки, а секако тука се книгите и филмовите.
Најтешка одлука: Јас никогаш не жалам за своите одлуки. Верувам дека во тој момент на тоа место и во тие услови одлуката што ја носам е вистинска. За мене одлуките не се тешки или лесни туку правилни и навремени или неправилни и задоцнети. Имам една многу неправилна одлука којашто ми го пренасочила животот, но во моментов целосно сум ангажирана на нејзино исправување.
Амбиции: Што поскоро дипломирање на Сообраќајниот факултет во Битола и успешна плодна работа.
Во слободно време чита: Освен дневните весници, и секоја стручна литература потребна за подготвување на испитите кои во моментов заземаат централно место во моите ангажмани.
За време на викенд: Целосна посветеност на семејството, сопругот, двата сина и мојата мајка. Одлуката дали викендот ќе биде дома, во кругот на семејството, со пријатели во некое од преубавите излетнички места покрај реката Брегалница, на Осоговието или на некое друго место е произлезена од заеднички компромис.
Кој национален проблем го сметам за особено важен: На приоритетна листа се законите, финансиите, но пред се и над се довербата, довербата во инстуитуциите на системот, невработеноста...
Кој глобален проблем: Глобален проблем е невладеењето на правото со што е забавен развојот на нашето граѓанско општество. Нарушена е безбедноста низ разни форми, тука се тероризмот, дрогата, оружјето, белото робје, а особено за истакнување е поткупот, корупцијата.
Што би променила во Македонија: За да ја променам Македонија, би ја променила јавната свест во Македонија, делот што можеме да го поправиме најпрвин сме самите ние.
Порака: Не е важно колку, туку како живееме и затоа не треба да тагуваме туку силата да ја бараме во она што останало зад нас, сите сме заедно засекогаш и затоа нека се раѓа нов свет, макар на рушевините.
|