Промоција на третото издание на “Граѓански практики”

Образованието на Ромите во Македонија

Еден ден по Светскиот ден на Ромите 9 април, Македонскиот центар за меѓународна сора­ботка во Скопје го промовираше третото издание на “Граѓански практики”, под наслов “Образованието на Ромите во Македонија”. Авторите, Елена Ташкова, Славко Саздовски, Благоја Трајковски, Тихомир Каранфилов и Анифа Демировска, дадоа скромен, но значаен осврт на искуствата на граѓанските организации и своевидни оценки на досе­гашните покажани резултати, а нивните ставови се сметаат за значаен придонес за квалитетно и сериозно разгледување на различните аспекти на образованието.

Книгата ја промовираше Ахмет Јашаровски од Центарот за ромска заедница ДРОМ од Куманово, а фацилитираше Нахида Зекирова од МЦМС. “Ова издание го разгледува ромското прашање, а текстовите нудат извесни решенија. Авторите не напишале само суви текстови, туку, напротив, проблемот го претставиле низ официјални статистики и извори на истите”, изјави на промоцијата Ахмет Јашаровски, по што беше одржана и дебата  посветена на образовните проблеми на Ромите.

На прашањата на гостите од повеќе граѓански организации, претежно ромски, кои најмногу се интересираа за проблемите околу шко­лувањето на Ромите, освен промоторите, одговараа и воведничарите Марија Мило­шевска од Управата за образование на заедниците при Министерството за наука и Роза Перушоска од Бирото за развој на образованието при Министерството за образование. Алармантната состојба со образованието на Ромите ја истакнаа и дел од присутните.

 “Од 1000 основношколци од Шуто Оризари основно образование, кое е обврзно со закон, завршуваат едвај 100 ученици, или 10 проценти”, беа зборовите на Љатиф Деми­ровски од ромската организација “Дархија”.                                           

Д.М.