Реакција на Мрежата за намалување штети

Центри за лекување, а не затвори за лицата кои употребуваат дроги!

Под мотото „Центри за лекување, а не затвори за лицата кои употребуваат дроги!”, претставници на Македонската мрежа за намалување штети  - ММНШ, во текот на јули во Скопје го изразија своето незадоволство околу предлог-законот за контрола на дроги и психотропни супстанции. Со објаснување дека невладиниот сектор бил изоставен од процесот на подготвување на предлог-законот, преставниците на ММНШ нагласија дека новиот закон има сериозни недостатоци, дека не е во согласност со Уставот и со Националната стратегија за дроги донесена во декември 2006 година.

Мрежата, во која  членуваат 15 невладини организации и експерти од оваа област, понуди неколку предлози за новиот закон, меѓу кои во предлог-законот за контрола на дроги и психотропни супстанции да се внесе одредба со која ќе се декриминализира употребата на дроги и психотропни супстанции преку утврдување количини за лична употреба; членот 73 во новиот закон да се избрише затоа што ќе има негативни последици од неговото спроведување (во тој член стои дека лицата кои употребуваат дрога не се третираат како лица на кои им е потребна здравствена заштита и социјална помош, туку како криминалци); да се внесе нова одредба со која ќе се легитимираат програмите за размена на прибор за инјектирање и истите нема да се подразбираат како изложување на опасност на други лица на дејствување на опојна дрога; и, терминот сузбивање да се замени со изразот намалување на снабдувањето со дрога.

ММНШ потенцира дека, според Светската здравствена организација, криминализирањето на употребата и поседувањето дрога во голема мера ги комплицира напорите да се спроведат цврсти јавни здравствени стратегии и пристапи за намалување на штетата од употребата на дрога.

 Т.Д.