ИНИЦИЈАТИВА НА МЦМС
Мирот е одговорност на сите граѓани
Македонскиот центар за меѓународна соработка иницираше, во соработка со Центарот за мултикултурно разбирање и соработка, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Ел Хилал, Месечина, Нансен дијалог центарот, донесување заедничка изјава која е упатена до целокупната јавност во Македонија и вон неа, а во која се повикува на ненасилно решавање на конфликтите. Оваа изјава им беше пренесена на новинарите, на одржаната конференција за печатот. Изјавата ја пренесуваме во целост:
ЗАЕДНИЧКА ИЗЈАВА ЗА НЕНАСИЛНО РЕШАВАЊЕ НА КОНФЛИКТИТЕ
Деновиве се одвиваат настани за кои не можеме да немаме сопствено мислење и став, затоа што се работи за прашања кои продираат во суштината на демократијата и на нашето делување како граѓански организации.
Имањето сопствено мислење и став значи истиот да го презентираме и браниме и во моментите кога можеби тој став не е споделен од други во нашите заедници и кога можеби тој не води во конфронтација со други мислења и ставови.
Сметаме дека во овој момент избегнувањето или премолчувањето е најлошото можно решение, полошо и од можното несогласување. Затоа сакаме да го презентираме нашето мислење и став.
Нашето мислење и нашиот став се засноваат на вербата во целосни и еднакви права за сите човечки суштества, односно во општество на слободни и еднакви граѓани, со изградена социјална праведност и со ненасилно разрешување и трансформација на конфликтите.
Веруваме во Македонија со изградени вистински односи засновани на прифаќање на разликите и заедничката добивка од меѓузависноста.
Таква Македонија не се гради ниту со социјална неправедност, ниту со насилно решавање на разликите, без разлика дали е тоа милитантен екстремизам или случаи на непропорционална употреба на државна сила.
Таква Македонија не се гради ни со избегнувањето или премолчувањето на вистинските проблеми.
Затоа Ние лично се оградуваме и го осудуваме насилното решавање на конфликтите.
Ние не се оградуваме од заедницата и граѓанските организации бидејќи одговорноста може да биде само лична и индивидуална. Како за милитантниот екстремизам, така и за случаите на непропорционална употреба на државна сила. Доколку не ја направиме таа разлика ќе западнеме во замката на отуѓување и меѓусебно нетрпение и непријателство.
Ние повикуваме што побрзо да создадеме услови за разрешување и трансформација на конфликтите преку ненасилни начини. Мирот и стабилноста, просперитетот и демократијата не можат да бидат препуштени само на делувањето на политичките партии, тие се дело и одговорност на сите граѓани и граѓански организации.
Ова е нашиот став, може да има мислења и ставови кои се разликуваат. Кажете ги. Само така ќе отвориме можност за да се разбереме.
Сашо Клековски, Македонски центар за меѓународна соработка, Скопје, Ким Мехмети, Центар за мултикултурно разбирање и соработка, Скопје, Мирјана Најчевска, Хелсиншки комитет за човекови права, Скопје, Абдурауф Пруси, Ел Хилал, Скопје, Рахман Мемедали, Месечина, Гостивар Алберт Хани, Нансен дијалог центар, Скопје.
Заедничката изјава ја поддржаа и многу други здруженија на граѓани меѓу кои: Здружението на жените Албанки - Перспектива; Здружението на граѓани Мултикултура од Скопје; Здружеието на граѓани "ОХО" од Скопје, Здружението на граѓани Толеранца од Струга, Сојузот на албанската жена на Македонија - огранок во Скопје, Одборот за мировни и граѓански иницијативи, Скопје и Организацијата на жените Турчинки во Македонија Дерја.
|