Три години работа на СОС–линијата за помош од дрога

На повиците одговараа над 30 обучени волонтери

Над 1.800 повици се регистрирани од формирањето на СОС–линијата за помош од дрога. Примарна цел на оваа организација е унапредување на превентивата од дрога и превентива од заболување од  ХИВ/СИДА и други  инфективни болести, кои се пренесуваат по сексуален пат.

СОС-линијата преку бесплатен телефон на граѓаните на Македонија им нуди информации за видовите дрога, за нивните дејства, за здравствените, социјалните, психолошките, семејните, училишните и други последици од нивната употреба. На неа волонтираат невработени дипломирани социјални работници и студенти од Институтот за социјална работа, а во текот на тригодишното работење на линијата волонтирале повеќе од 30 волонтери, едуцирани и обучени за СОС-оператори.

Корисниците на линијата најголем интерес пројавиле за институциите за лекување, за видовите дрога, како и за ХИВ/СИДА и инфекциите преносливи по сексуален пат. Досега линијата ја поддржаа Министрството за труд и социјална политика, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Македонски телеком, Агенцијата за млади и спорт, УНИЦЕФ, Алкалоид, АМВОН-комуникации, како и дел од  електронските и печатените медиуми.

Г.Ш.