Србија

Фрапантни податоци за алкохолизмот кај децата во Србија

Спрема истражувањето на Светската здравствена организација, децата во Србија, на возраст од 11 до 13 години, пијат двапати повеќе пиво од врсниците во Ирска, во Израел, во Литванија или во Русија и дури 10 пати повеќе од врсниците во Финска. Според потрошувачката на алкохолот во литри кај вкупната популација, Србија се наоѓа на осмото место од вкупно 153 земји вклучени во истражувањето.

Резултатите од истражувањето на Институтот за заштита на здравјето на Србија покажаа дека повеќе од 50 проценти од младите привремено пијат алкохолни пијалаци, додека околу 20 проценти повремено се опиваат, а седум отсто редовно конзумираат некои од алкохолните пијалаци.

Истражувањето, кое минатата година го спроведе Европската банка за реконструкција и развој, а го финансира Европската Унија, меѓу младите на возраст до 16 години, покажа дека децата во Србија, во просек, првото пијанство го доживуваат на 14 години. Во анонимната анкета, дури девет проценти од машките деца навеле дека за првпат се напиле на 11 години, додека четири проценти од девојчињата навеле дека на иста возраст почнале да пијат „чашка повеќе”. Четвртина од машките и девојчињата како прва година на пијанство ја навеле 14-тата година, додека 12 проценти од машките и 20 проценти од девојчињата кажале дека првпат се напиле на 16 години.

Најмлад пациент во Центарот за семејна терапија на алкохолизмот било едно осумгодишно дете.

 Г.Ш.