Програма за јакнење на капацитетите на женските НВО за здравствена едукација

Линкови:

- Проекти 
  (база на податоци)
- Контакт
- НВО Линкови
- Билтен „Перспективи“

 

На почетокот на 2000 година Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Христијанска помош (Christian Aid) од Лондон, отпочна да ја спроведува Програмата за јакнење на капацитетите на женските НВО за здравствена едукација.

Програмата е финансирана од Фаре (Phare and Tacis LIEN) и ќе се спроведува две години.

Целта на програмата е да придонесе за институционално јакнење и одржливост на женските невладини организации и промовирање на концептите за родови односи, развој и здравствена едукација, особено меѓу жените во руралните области и приградските населби.

Во спроведувањето на програмата учествуваат 8 женски НВО: Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Организацијата на организациите на жените на Македонија (ООЖМ) и Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ), трите од Скопје, Сојузот на албанската жена од Македонија (САЖМ) од Тетово, ОЖ Струмица, ОЖ Штип, РОЖМ „Даја“ од Куманово и Престиж од Битола.

Во рамките на овие организации формирани се седум регионални и еден централен ресурсен центар, чија основна цел е формирање бази на податоци и информации релевантни за нивната работа.

Во интерес на подобрувањето на комуникацијата меѓу женските невладини организации, владините институции и пошироката јавност, женските НВО, партнири во програмата, заеднички го изготвуваат информативното гласило „Перспективи“. Овој билтен излегува двемесечно и е достапен во печатена и електронска верзија. Издавачката, програмската и уредувачката политика на билтенот ја утврдува Издавачкиот совет, составен од претставнички од осумте женски НВО, учеснички во програмата и еден претставник од МЦМС.
Во истиот контекст е пуштањето во употреба на оваа веб-страница и веб-страниците на женските НВО, учеснички во програмата.

На почетокот на ноември, во рамките на Програмата, отпочна циклусот Обуки за родови односи и развој. Обуката ја спроведуваат Неда Малеска - Сачмароска од МЦМС и Весна Јованова од ЕСЕ.

За спроведувањето на програмата е одговорен Проектниот тим, составен од вработените лица во Ресурсните центри. Активностите на Програмата ги следи Советодавната група, составена од претставници на женските НВО, претставник од Христијанска помош од Лондон и претствник од МЦМС. Советодавната група е одговорна за одобрување на тековните и завршните извештаи и давање сугестии за понатамошните насоки во спроведувањето на програмата.