концепти
ПОЗНАВАЊЕ И СТАВОВИ ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Граѓански свет во бројот 64 ја започна презентацијата на делови од публикацијата Довербата, одговорноста за општествените прашања и добротворството во Македонија што ја издаде Македонскиот центар за меѓународна соработка. Публикацијата е всушност извештај направен на основа на две анкети и резултати од четири фокус групи. Анкетите и фокус групите ги спроведе Институтот за социолошки и политичко правни истражувања. Публикацијата во пдф формат е достапна на www.mcms.org.mk.
Истражувањето за довербата, одговорноста за општествените прашања и добротворството во Македонија го адресираше и познавањето и ставовите за конкретни граѓански организации и личности од граѓанскиот сектор.
Покрај општото познавање на граѓанските организации испитувано е и познавањето на граѓанските организации кои работат во три области: борба против сиромаштијата, развој на граѓанското општество и борба против корупцијата.
Општо познавање на граѓанските организации
Општото познавање на граѓанските организации во Македонија најпрвин е истражувано барајќи од испитаниците да наведат организации без да се потсетуваат или да им се даваат примери.
Графикон 1. Наведете до три граѓански организации кои ги познавате:
Големо мнозинство од испитаниците знаеле да наведат конкретни организации (67,2%).
Анализирајќи кои организа-ции се најчесто наведувани, треба да се има во вид дека истражувањето е извршено пред почетокот на изборната кампања за парламентарните избори 2006, што може да е причина на листата високо да бидат организации кои имале активности поврзани со изборите. Почесто спомнувани организации се и оние кои постојат подолг период (повеќе од 10 години), кои имаат меѓународен карактер, кои се мрежи и чадорски организации, организации со помасовно членство и органи-зации кои работат на национално ниво.
Кај одделни граѓански организации етничката припадност има влијание врз познавањето. Така има граѓански организации кои се спомнувани во најголема мера или пак исклучиво од припадници на една етничка група. Ова зависи од целната група на организациите.
Ако направиме профил на просечен познавач/непознавач на граѓанските организации може да се констатира дека полот, етничката припадност и политичката определба немаат влијание. Но, забележителна е разликата во однос на образованието, односно тие со високо и со вишо образование многу повеќе го познаваат граѓанското општество (само 16,5% не знаат да наведат конкретна граѓанска организација) од оние без основно образование (дури 67,7% не знаат да наведат граѓанска организација). Испитаниците без образование, а кои имаат одговор (познавачите) најчесто (50%) наведуваат организации главно со социо-хуманитарен карактер, додека со зголемувањето на степенот на образование се зголемува познавањето на организации и од друг тип. Возраста исто така има влијание, па така подобри познавачи се младите од 18-30 години (26,3% не навеле граѓанска организација) од повозрасните над 65 години (45,1% не знаеле да наведат конкретна организација). Вработените во јавниот сектор и оние со повисоки месечни примања се подобри познавачи на граѓанското општество, од земјоделците и неактивните граѓани и од оние кои имаат месечни примања до 2,000 МКД по член од семејството. Урбанизацијата и регионот исто така имаат влијание. Оние кои живеат во кумановско и штипско знаат повеќе од оние што живеат во струмичко и Пелагонија, што одговара и на бројот и нивото на активност на граѓанските организации во овие региони.
Табела 1. Профил на познавачите на граѓанските организации
Графикон 2. Сум слушнал/знам за:
Одејќи од општа информираност (слушнале) кон познавачи (знаат) за секоја од организациите бројот значајно опаѓа, односно за повеќето истиот се преполовува.
И во однос на информираноста и во однос на познавањето, највисоко на листата се етаблирани организации со најдолга историја и организации кои работат на национално ниво. Можно е експонираноста во медиумите исто така да има влијание.
ЗАКЛУЧОК
Корелација на познавањето на граѓански организации со социјалните показатели
Полот, етничката припадност и политичката определба не се во корелација со општото познавање на граѓанските организации, но другите социјални показатели: образование, работен статус и месечни примања имаат влијание. Исто така возраста, урбанизацијата и регионот се поврзани со познавањето на граѓанските организации.
Познавачите на граѓанското општество се припадници на средната класа т.е. се подобро образовани, живееат во град, вработени се во јавниот сектор, имаат повисоки месечни примања и во просек се помлади.
Корелација на познавањето на граѓански организации со профилот на организациите
Колку граѓаните на Македонија знаат одделни граѓански организации е поврзано и со профилот на организациите, и тоа пред се со нивото на делување (локално/национално) и сектор на делување. Граѓаните покажуваат подобро познавање на организации (и нивни лидери) кои работат на национално ниво и кои покриваат сектори и целни групи за кои граѓаните се поподготвени да даруваат (види ВИ Добротворство).
Покрај тоа можно е влијание да имаат и повеќе други фактори: нивото на активности на организациите, посебно пред и во периодот на истражувањето, времето на постоење и експонираноста во медиумите.
Сунчица Саздовска Раководител на одделението за граѓанско општество и демократија, МЦМС
|
|