Здружение за борба против ракот – “Борка”
Организирани едукативни форуми на 5 универзитети во земјава
„Потребата за формирање на ’БОРКА’ се наметна како резултат на постојната состојба во здравството во Република Македонија, а имајќи ја предвид решеноста на нашата земја да ги интензивира реформите во оваа област. Увидовме дека во земјава постои потреба од здружение кое генерално ќе ги третира сите видови на рак и кое ќе се бори против ракот генерално, но и поединечно против неговите различни видови” - велат членовите на новоформираното здржуение, чии активности се насочени кон пополнување на споменатата празнина во граѓанскиот здравствен сектор и кон соработката со сите вклучени релевантни фактори.
Во својата работа „Борка” е фокусирана кон заболените пациенти, пошироката јавност, јавните здравствени институции, невладиниот сектор, со цел активно да учествува во создавањето здрава популација, свесна за ризиците и предизвиците, на држава со значително намален број заболени од наведените болести. Во септември, здружението во јавноста го означи своето постоење, организирајќи и едукативен настан како најава на 15 септември, Светскиот ден за борба против крвниот рак лимфом, а во октомври ја формира Алијансата за борба против ракот на дојката, која вклучи кампања за подигање на свеста за рано дијагностицирање на болеста, прибирање средства за бесплатни прегледи и конкурс за награда за новинарско известување. Под мотото „Си требаме една на друга”, на 6-ти октомври во Скопје се одржа симболична прошетка, во соработка со компанијата за жени АВОН, а собраните средства од кампањата беа наменети за бесплатни прегледи на дојка на околу 100 жени со неповолна социјална положба.
Во ноември е спроведена и серија од универзитетски форуми (УКИМ, УКО, УЈИЕ, ЕУРМ, ФОН) од каде се испратени пораки за рана превенција од белодробен карцином, а студентите се информирани за ризикот за заболување предизвикан од пушењето. На форумот учествуваа доктори - експерти, социлози, а беа одржани и видеопроекции и интерактивни дускусии. Почнувајќи од декември, во канцелариите на „Борка”, во Скопје, членовите и поддржувачите ќе реализираат советодавни групи за поддршка на сите заинтересирани кои се поврзани со какво било заболување од рак.
К.Б.
|
|