Погледи
Vox populi, vox Dei!
албански
Актуелността на оваа синтагма е евидентна и во нашево сегашно време и живеење. Сите ние како поединци сме чинители на пошироката заедница, која ја нарекуваме општество. И, секако, без оглед на нашето потекло, образование, воспитување, дејствување, верување, имаме заеднички идеал - да градиме здраво општество. Конкретно, општество коешто се темели врз секојдневната дијалектика меѓу идеите и постапките, емитувани од сите нас, во насока на ПОДОБРОТО.
Патот кон ПОДОБРОТО е најдолг, бесконечен. Она што е постојано по оваа врвица е инсистирањето на промени: од лошо кон добро, од добро кон подобро, од подобро кон најдобро...! Оттука, гласот на народот е барање за промена на постоечкото, тековното.
Но, тоа што најнапред мораме да го промениме, тоа сме самите ние, било како чинители организирани во граѓанскиот, во државниот или во приватниот сектор. Херман Хесе вели да го промениме нашето нетрпение, нашата чувствителност, нашиот недостиг од љубов и попустливост. Согласно нашава реалност, би додала промена во културата на однесување, на перципирање и прифаќање на нештата, на вреднување на истите.
Фактот дека секој трет граѓанин во Македонија е општествено активен во каков било облик на граѓанското здружување, говори за моќна база да поттикнува и бара промени од ваков вид. Успехот ќе биде целосен, доколку овие барања за ПОДОБРО бидат едновремено и несебично прифатени и од чинителите организирани во државниот и од приватниот сектор. Затоа, градењето врски, мрежа и комуникација меѓу овие три општествени фактори е од насушна потреба.
Овде би потсетила на уште нешто, на одговорноста - личната и заедничката. Односно, на мерки, волја и критериуми, како строги контролори на нашето однесување, перципирање и вреднување на нештата и, повторно најнапред како императив пред самите себеси (граѓанскиот сектор), а потоа и од другите (државниот и приватниот сектор). Успехот и овде зависи од взаемното почитување и практикување на одговорноста.
Само едно кратко навраќање кон историјата! Османлиската држава во текот на 19. век беше држава со најмногу проекти за реформи и нејзина преобразба во квалитетно и модерно општество. Но, успехот изостана, заради немањето волја, мерки и критериуми (одговорност), пред с$ од власта за спроведување на барањата за промени.
Еве една друга ситуација, од нашето современие. Здружението “Пеперутка”, кое има за цел подобрување на условите и начинот на лечење на болните деца од малигни заболувања, во текот на 2005 година спроведе широка акција за конкретно реализирање на споменатава цел. Во соработка со голем број приватни фирми (и една државна), медиуми, поединци, обезбеди купување апарати за подобрување на дијагностиката и целосно градежно преуредување на Онколошкиот оддел при Клиниката за детски болести - Скопје, во вредност од приближно 2.900.000,00 МКД. (околу 48.000 евра). Ако не постоеше взаемната посветеност кон промените за ПОДОБРО и одговорното однесување (на сите споменати чинители), успехот ќе изостанеше. Но, сега на ред се чинителите на државниот сектор да ја потврдат потребата за промени кон ПОДОБРО. Почнувајќи од највисоката инстанца, до најниската (Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Клиничкиот центар, лекарскиот тим итн.) требаат да ги впрегнат во погон сите расположливи механизми и капацитети коишто им стојат на располагање, во насока на организирано работење, нови протоколи на лечење, поздраво поколение. А, тие можат да го сторат тоа само со одговорно работење кон самите себе, а потоа и кон пошироката заедница - општеството.
Општото добро е и лично добро! Затоа се потребни едновременоста, взаемноста и совесноста во релацијата граѓански, државен и приватен сектор во едно општество. Тука лежи моќта на гласот народен!
(авторката на текстот е претседател на Здружението
“П Е П ЕР У Т К А”)
|