ОТВОРЕН КЛУБ ЗА ХЕНДИКЕПИРАНИ И ИНВАЛИДИЗИРАНИ ЛИЦА ВО ДЕБАР
Место за 300 хендикепирани лица Околу 300 хендикепирани и инвалидизирани лица од Дебар и околината ќе можат да го посетуваат Клубот за хендикепирани и да се дружат меѓу себе На 31 јануари 2001 година во Дебар, на свечен начин, беше отворен Клубот за хендикепирани и инвалидизирани лица. Поддршка за спроведување на проектот, освен МЦМС, дадоа и "Хендикеп интернационал", "Оксфам" и УНХЦР. Најголемиот товар во спроведувањето на овој проект го сносија активистите на Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите "Месечина", огранок во Дебар.
Како се спроведуваше проектот - Веќе подолго време работиме на овој проект, вели г. Вјоца Дука, еден од 16-те активисти директно вклучени во спроведувањето на проектот. Вјоца е наставник по англиски јазик и на своето вклучување во проектот кој се однесува на хендикепирани лица гледа како на сосема нормална работа. - Ми кажаа дека има можност да им се помогне на тие луѓе и јас прифатив да се вклучам во проектот. Вистина, тоа ми го пополни целото слободно време, ама воопшто не жалам, додава г. Вјоца. Здружението на Ромите во спроведувањето на овој проект вклучило активисти со различно етничко потекло и тоа осум Албанци, седум Роми и еден Македонец. За нив етничката припадност не е проблем, туку е сосема нормална работа и не го попречува спроведувањето на проектот. Завршувањето на активностите околу отворањето на Клубот за хендикепирани лица не значи и завршување на проектот. Тој сега започнува. Сега започнува да се реализира целта заради која е започнато реновирањето на зградата каде што ќе се дружат околу 300 хендикепирани и инвалидизирани лица. - Започнавме со идентификација на хендикепираните лица во регионот на Дебар, продолжува г. Вјоца. - Луѓето беа љубезни, ама колку што им налага доброто воспитување, постоеше доза на недоверба. Мислам, вели таа, дека беа изненадени затоа што некој нешто им нуди и не им бара ништо за возврат. Подоцна, кога ја направивме дистрибуцијата на опремата ("Месечина", огранокот во Дебар има дистрибуирано 40 колички за инвалиди, 50 штаки, 20 декубирани душеци и преку 12.000 пелени), атмосферата беше многу поизменета, попријатна. Разговорите не одеа толку стегнато, едноставно тие на нас гледаа како на пријатели, додава таа, потпирајќи се на инвалидската количка на г. Самир Тумени, еден од идните посетители на Клубот.
Кој ќе го посетува клубот Г. Самир и неговата мајка Ферица се надеваат дека Клубот ќе биде местото каде што тој ќе може да се дружи со другите луѓе кои имаат исти проблеми како и тој. Судбината и лошите финансиски прилики на семејството не дозволиле никаква активност во осумнаесет годишниот живот на Самир. Од претходната година, откако ја добил инвалидската количка од "Месечина", тој првпат е во можност сам да се движи низ станот или надвор од него. - Самир не е роден со хендикеп, вели неговата мајка. Кога имаше шест месеци, продолжува таа, имаше висока температура. Тогаш живеевме во село и јас немав можност веднаш да го однесам на лекар. За жал тоа се покажа кобно. Самир никогаш не прооде. Често одевме по лекари, останувавме и по цели месеци во болница, ама попусто. Одговорноста и обврската што ја има г-ѓа Ферица Тумени е преголема. Таа не го крие тоа. Кога Самир наполнил седум години, лекарите ја прашале дали сака да го даде во институција која згрижува деца со хендикеп. Ферица и ден денес е згрозена од помислата дека нејзиното дете би можело да биде на некое друго место кое не е нивниот дом. Во меѓувреме обврските дома се зголемуваат, но таа не се жали. Свесна е дека на другите двајца синови им посветила помалку внимание отколку на Самир, но тие не се лутат, напротив, се обидуваат да & помогнат. Неодамна семејството Тумени се зголеми за еден член, постариот син на г-ѓа Ферица се ожени. - Снаата е многу добра со Самир и мене доста ми помага, вели г-ѓа Ферица и со радост во очите додава дека новиот член на семејството го очекуваат за два месеца. Целото семејство Тумени засега живее заедно. Иако Ферица и нејзиниот сопруг кога ја граделе куѓата планирале и посебен простор за синовите и снаите, сепак финансиските прилики тоа не го дозволиле. Единствениот приход во семејството е платата на сопругот на Ферица која изнесува 5.000 МКД. Таа добива и 2.500 МКД како помош за Самир. Сепак, сите се надеваат дека ќе биде подобро. Клубот има просторија за дружење и просторија во која ќе биде сместено своевидно советувалиште за хендикепираните лица.
|