Федерацијата на фармерите во Македонија

Организација што обединува над 102 земјоделски здруженија

Федерацијата на фармерите во Република Македонија, е здружение на граѓани кое ја обединува работата на земјоделските здруженија и нивните членови за остварување на индивидуалните и заедничките права и интереси на современ и демократски начин. Визијата на неговите членови е организираниот фармер да биде движечка сила на одржливиот развој на земјава, па поради тоа нивните активности се насочени кон придонесување на развојот на одржливо земјоделство и квалитет на живеењето.

„Помагаме при решавањето на секојдневните проблеми на фармерот преку лобирање и застапување на нивните потреби и интереси, поддржуваме и реализираме активности на барање на земјоделските здруженија, ги претставуваме нив, ги информираме и едуцираме нивните членови, употребувајќи ги расположливите ресурси на Федерацијата. Со оглед на тоа што Федерацијата на фармерите на Република на Македонија е организација која обединува над 102 организирани земјоделски здруженија  низ државава, за поблиска соработка со земјоделците, покрај главната канцеларија во Скопје, има отворено и четири регионални центри - во Битола, во Кочани, во Струмица и во Гостивар” - посочуваат од Федерацијата.

Регионалниот центар во Битола го покрива југозападниот дел на Македонија и ги опфаќа општините: Битола, Прилеп, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево, Новаци, Кривогаштани, Могила и Долнени.

За подобар контакт со фармерите, Центарот се пресели во нови простории во центарот на градот, на ул. „Јосиф Јосифовски” бр. 28, телефон за контакт 047/225-635 (њњњ.ффрм.орг.мк).

Со цел да ги реализира мисијата и целите и да ги подобри состојбата и животниот стандард на земјоделците, Регионалниот центар во изминатиов период одржа повеќе средби со земјоделците и институциите, меѓу кои и:

средба за решавање на проблемот со пасиштата и немањето водопоила на истите; средба за решавање на проблемот со ниската откупна цена на тутунот; средби со институции; форум помеѓу членовите на УО на Федерацијата и Здруженијата за претставување на проблемите и изнаоѓање можни нивни решенија. За наредниот период, покрај активностите за решавање на тековните проблеми на земјоделците, предвидено е во текот на оваа година да се одржи школо за млади лидери и обука за советодавни услуги.

К.Б