ПОГЛЕДИ


ИНТЕРНЕТ, НЕГОВИТЕ ИМПЛИКАЦИИ И НАШАТА ЈАВНОСТ


Глобалното воведување на новата, информациско-комуникациска генерација технолошки достигнувања во секојдневниот живот на луѓето, во најголем број случаи и безмалку насекаде низ светот, е проследено во афирмативен контекст.

Комуникациската алатка наречена Интернет, популарното име за глобалната јавно достапна информациска мрежа која обединува различни можности, најчесто се смета за сајбер панацеа која за краток период ќе апсолвира голем број од проблемите на т.н. реален свет.
Сепак, на теоретско ниво веќе неколку години се води опсежна дебата меѓу утописките, оптимистички визии на т.н. технофундаменталисти и дистописките, скептични ставови на т.н. неолудити. Притоа, и покрај неспорните предности и придобивки од примената на новите технологии, вторите успеаја да наметнат своевидна глобална агенда со придружени ефекти, негативни последици и т.н. иатрогенични болести - различни видови импликации на Интернет. Овие импликации се со потенцијално големо влијание врз поединецот и општеството на 21-от век.

Разбирањето на овие импликации притоа бара воспоставување идентификациска матрица за новите феномени инспирирани од информациско-комуникациските технологии. Нејзината елементарна апликација препознава низа глобални трендови: информацијата и знаењето стануваат критичен ресурс на производството и развојот во информациското доба, традиционално организираниот простор на места се трансформира во простор на текови, исто така традиционално организираниот материјален свет на атоми се трансформира во виртуелен свет на битови. На тој начин, се случува сајбернација на реалниот свет: се поголем број животни активности од реалниот свет се пренесуваат во сајбер просторот.

Едноставно, од сите страни на планетава пристигнуваат сознанија за надоаѓањето на т.н. трет бран, базиран на умот, наместо на силата. Тој истовремено нуди децентрализација, демасификација, дисперзија и флексибилност на производството кое е помалку зависно од просторот и времето, и кое може да се случи кога било и каде било. Воспоставена е нова класа или елита на знаењето. Без оглед дали е наречена когнитаријат, меритократија или е персонализирана во поимот симболички аналитичари, таа предначи во способноста да се соочи со исчезнувањето на стандардните сфаќања за просторот и времето, заедницата и индивидуата, реалното и виртуелното. Тој навидум апстрактен метод се учи на светски признатите универзитети и претпоставува единствено два елементи - сопствената памет и брзиот пристап до кој било дел на светот. Тоа, пак, со помош на мрежите воспоставени од информациската технологија, на когнитаријатот му обезбедува апсолутна сеприсутност и едновременост на деловните операции што ги иницира, социјалните настани што го придружуваат и културните изразувања кои му одговараат.
Преведено на јазикот на секојдневното искуство, базичните карактеристики на Интернет - отворениот пристап, глобалниот дострел и корисничка контрола - го освојуваат светот. Тој е предизвикан од импликациите на виртуелниот идентитет и виртуелните заедници, нашироко го дебатира сфаќањето на Интернет како глобална јавна сфера и шансите за сајбер демократија кои од тоа произлегуваат, додека новата, он-лајн економија станува негова парадигма. Сето ова, пак, го отвора прашањето за владеењето и регулацијата на Интернет - регулацијата на содржините и слободата на изразување во мрежата, приватноста, интелектуалната сопственост, сајбер криминалот и јурисдикцијата врз сајбер просоторот, а не изостануваат и студиите на специфичната закана од информациски процеп, со истовремена информациска заситеност.

Сите овие глобални процеси од македонската фрустрирана реалност засега се третирани како безначајни. Државата е заглавена во елементарни безбедносни и политички прашања, стопанството е во налудничава потрага по лесен и незаслужен профит, а цивилното општество оптоварено со меѓуетничките теми. Свест за импликациите на новите информациско-комуникациски технологии не постои, па неопходните чекори на кои малку кој во земјата обрнува внимание, треба да започнат токму со генералната јавност како целна група. Организирањето неформална едукација за т.н. Интернет јавност, заедно со преземањето иницијатива за подготовка на потребната легислатива која на национално ниво ќе ги покрие активностите во сајбер просторот, се меѓу останатите активности со висок приоритет.

Така, на невладините организации во Македонија им престои уште еден предизвик, уште еден простор за освојување. Кога конечно политичките и безбедносните прашања конечно ќе се симнат од агендата на секојдневниот живот ќе посакаме да видиме и чуеме што се случува во напредниот свет. За да не се случи тој веќе да биде од другата страна на информацискиот процеп, треба да се дејствува веднаш.