Тивка аукција
За поголема насмевка во пижами
На 18-ти јануари 2008 г., во ликовниот салон во Велес, во организација на Фондацијата Фокус, а во рамки на проектот „Насмевка во пижами”, се одржа тивка аукција на ликовни дела на која беа изложени 31 донирано уметничко дело (масло на платно, графика, сува игла, акварел, копаници, пиротехника, скулптура, печена керамика и уметнички фотографии) од 21 врвен уметник од Велес, од Скопје, од Прилеп, од Охрид и од Чашка. Најмлади донатори беа две талентирани деца од градот, а со тивкото наддавање се продадени половина од делата и се собрани 68.400 денари. Сопственикот на фирмата „Јолдасх дооел”, со купувањето на уметничко дело кое достигна цена од 20.000 денари, е прогласен за најдонатор на вечерта, а другите дела се продаваа и во текот на наредната недела.
Целта на проектот е низ неколку активности за прибирање средства да се помогне во доопремување на Детското одделение во градската болница во Велес и да се подобри амбиентот во кој престојуваат децата за време на лекувањето. Претходно е организиран и хуманитарен спортски натпревар „Спортските легенди на Македонија против спортските легенди на Велес” (кој иако не бил предвиден во проектот, по иницијатива на организаторите спортисти, овозможил собирање средства од продажба на влезници) и новогодишен настан на младата Андријана Димитриевска со промоција на книга „Животот е...” ( организиран по нејзина иницијатива).
Средствата од продажбата на книгата се подарени во фондот за Детското одделение, а пари се прибираат и од касите за донирање што се поставени во трговската мрежа во градот, од директни донации од бизнис-секторот. Фирмата „Вемед” се откажала од изработка на сопствен промотивен материјал и ги донирала средствата предвидени за таа намена, а фирмата „Љадро М” донирала еден ТВ-приемник.
К.Б.
|
|