Град Скопје
Се подготвува Стратегија за соработка со граѓански организации
Градот Скопје, во соработка со Центарот за институционален развој (ЦИРа) и ОБСЕ, во септември ќе донесе Стратегија за соработка со невладиниот сектор чија цел е поголема соработка особено во областите кои се заеднички цели на интерес како образованието, социјалната заштита, културата, животната средина и спортот. До изработката на документот ќе се одржат 6 работилници со невладините организации кои дејствуваат во главниот град, на кои ќе бидат детектирани начините за подобрување на соработката. Градот реализираше анкета меѓу 90 невладини организации и внатре во одделенијата на градската администрација за нивото на соработка со невладиниот сектор, а резултатите од испитувањето беа презентирани на првата работилница која се одржа на 18 јуни во Холидеј Ин.
Една од придобивките што се очекуваат од соработката е и заедничкиот настап на локалната самоуправа и НВО пред странските донатори и фондови за проекти од заеднички интерес, беше истакнато на работилницата. „На подрачјето на Скопје се регистрирани близу 2.000 невладини организаци, што претставува една третина од вкупниот број во државата. Најголем дел од нив се многу активни во своите области и затоа соработката со нив ни е многу важна. Таа треба да се темели на основните принципи на взаемна доверба, партнерство, транспарентност, независност и одговорност”, истакна Сузана Никодиевиќ, раководител на сектор во Генералниот секретаријат на Владата образложувајќи ја владината стратегија за соработка на првата работилница. Таа нагласи дека главни цели на соработката се вклученост на граѓанскиот сектор во европската интеграција, постојан развој и финансиска одржливост на граѓанскиот сектор.
Покрај донесување на Стратегија за соработка, во стратешките планови на Град Скопје, се предвидува и формирање Форум на невладини организации, кој би бил еден вид советодавно тело на Градот Скопје, за теми кои се од интерес за градот, а се дел од редовните активности на невладините организации.
С.Н.
|
|