МЕТЕО-МАК

Афирмација на метеоролошката наука

По повод Светскиот ден на метеоро­логи­јата, 23 март, разговаравме со здруже­нието „Метео-Мак” во кое членуваат професионални метеоролози и други граѓани, со цел да едуцираат и да ја информираат јавноста за метролошката наука.

Како што ни рече г-ѓа Оливија Тодоровиќ, претседател на ова здружение, во моментов се прават подготовки за изготвување Прирачник за метеоролошките и хидролошките инструменти, наменет за деца, со цел да им се приближи оваа научна дисциплина. Едукцијата од метеорлошки и еколошки аспект е една од главните дејности на „Метео-Мак”, а во таа насока беше и големиот проект „Атмосферата, водата и човекот”, одржан минатата година, по повод 50-годишнината од работата на Светската метеоролошка организација во рамките на ООН. Во рамките на проектот, беше организиран натпревар на детски цртежи на оваа тема, кој се одржа во зградата на Републичкиот хидрометеоро­лошки завод. Многу од тие детски цртежи ги красат и просториите на РХМЗ и самата зграда, бидејќи еден дел се нацртани на самите ѕидови на објектот на РХМЗ.

Покрај ова, вели г-ѓа Тодоровиќ, „Метео-Мак” прави напори за продолжување на издавање на својот билтен, како и проширување на проектот за истражување на влијанието на временските промени врз здравјето на луѓето од аспект на продукција на слободни радикали, што беше спроведен минатата година во соработка со Невролошката клиника на Клиничкиот центар во Скопје.