РАЗГОВОР: Д-Р АНДРЕЈ АРСОВСКИ, ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА ВО ЗДРАСТВОТО

Доближување на здравството и на граѓаните

Како група луѓе кои работат и живеат со овие проблеми, сметавме дека е потребно преку нова форма на здружување да се обидеме да влијаеме за менување на односите на општеството спрема здравството и обратно, вели д-р Арсовски

Д-р Андреј Арсовски, хирург на Клини­ката за торакална хирургија на Клинич­киот центар во Скопје, е иницијатор и еден од основачите на Здружението за граѓанска иницијатива во здравството. Како што вели тој, почетната идеја за формирање на ова здружение била иницирана од положбата на здравството како витална дејсност во општеството.

-  Македонското здравство, онака како што е поставено, се` уште го нема најдено своето вистинско место во денешното општество. Поточно, оваа дејност се` уште не е трансформирана и не е прилагодена на новите услови на пазарното општество. Се` уште функционира како „диносаурус” во новите пазарни услови на општеството. Во оваа состојба, и здравствените работници, и корисниците на нивните услуги – граѓаните, се незадоволни. Како група луѓе кои работат и живеат со овие проблеми, сметавме дека е потребно преку нова форма на здру­жу­ва­ње да се обидеме да вли­јаеме за менување на одно­сите на општеството спрема здравството и обратно. Особено затоа што постојните професионални здруженија во последниве десетина години речиси ништо не направија во овој поглед – вели д-р Арсов­ски.

Цели
Целите се нудење инфор­мации од интерес на граѓаните и здрав­ствените институции, покренување иницијативи за креирање одредена политика во здравството (осигурување, изработка на одредени проекти од поширок здравствен интерес и стручни проекти), иницирање промена и подоб­рување на законската регулатива, организирање семинари и други средби и доближување на граѓаните како корисници и на здравствениот сектор, како давател на оваа витална услужна дејност, што ќе води кон подобрување на состојбите во таа област.

- Мислам дека невладините организации мораат да дадат свој придонес во изградбата на подобри односи во оваа област и во трансформацијата на здрав­ствената дејност. Моето искуство како член на Советодавниот комитет на Програмата за медицина и здравство во Институтот Отворено општество – Маке­донија  придонесе да увидам дека многу нешта можат да се остварат и вон сферата на професионалното ангажирање, посеб­но кога, како што е случајот кај нас, институциите не се прилагодени на новите процеси. Во таква ситуација не само што има простор, туку и потреба од влијание на невладиниот сектор. И на крајот, интелек­туалното во нас да се обиде нешто да поправи и придо­несе, а не само пасивно да се прифаќаат одредени состојби – вели д-р Арсовски.

Соработка
Здружението за граѓанска иницијатива во здравството досега немало соработка со другите струкови здруженија од оваа област, но определба е во иднина да се развие комплементарен однос со нив. Тие здруженија ги инфор­мира за своите активности, како и Министерството за здравство. „Не гледаме простор ниту за конкуренција ниту за антагонизам – напротив”, додава д-р Арсовски.

Инаку, во досегашните контакти со своите колеги – медицинари, членовите на ова здружение, наишле на добар прием и желба да се придонесува во нивните активности, така што во кој било сегмент би постоело активно учество на струч­њаци од сите области на здравството. Во Здружението не членуваат само меди­цинари, туку и луѓе со други професии – архитекти, правници, новинари. Еден од најинтересните проекти на ова здру­жение беше кампањата против стресот која се одвиваше минатата година, преку одржување на неколку трибини и меди­умски настапи. Сега се подготвува уште еден проект насочен кон овој синдром на современото живеење – проект за мултидисциплинарен пристап кон стресот – психосоматски, психооргански и имунолошки, што ќе претставува всуш­ност продолжение на кампањата за стресот.