Политичките партии во фокусот на „Гласај за природата“
Прашања од најголем национален интерес ќе им бидат поставувани на политичарите
Македонскиот зелен центар (МЗЦ), со партнерот, независната холандска фондација „Милиеуконтакт”, ја промовира кампањата „Гласај за природата”, во која на политичките партии ќе им бидат поставени повеќе прашања за грижата за животната средина. Мисијата на МЗЦ е да промовира конкретни демократски алатки коишто ќе им овозможат на граѓаните да имаат активна улога во демократското и транспаретно носење на одлуките и да се подигне разбирањето за прашањата од животната средина како значајна политичка тема во Македонија. Кампањата ќе се спроведува на национално ниво, а невладините организации Еко свест, Проактива, Еко-нет, Биосфера, Крсте Јон и Грин Пауер ќе ја реализират и на локално ниво, во шест региони во државата. Кампањата ќе се спроведува преку јавни настани, средби и информирање преку печатени материјали. За таа цел подготвени се постери, флаери, подметнувчи за чаши, миризливи освежувачи за автомобили и слични информативни материјали. Во кампањата, МЗЦ ќе ги информира гласачите да ги прашаат партиите што мислат за четирите најважни прашања од екологијата: заштитата на Охридското Езеро, енергијата, управувањето со отпадот и исполнувањето на обврските што ги наложува ЕУ. Зелената коалиција во кампањата ќе иницира и дебати меѓу политичарите за истите теми, а ќе се анализираат и политичките програми, особено деловите за животната средина.
|