Трибина

НВО и медиумите - коалиција за демократски промени

Медиумите и граѓанскиот сектор во Република Македонија малку
соработуваат и не си веруваат, констатираа претставници на овие сектори на вчерашната средба на тема “НВО и медиумите - коалиција за демократски промени”, организирана од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања и граѓанската организација СУНА. “НВО и медиумите имаат заедничка општествена цел, но и конфликт на интереси. Тие живеат во паралелни светови. Сакаме граѓански сектор којшто политички не е ангажиран. Сакаме еволуција во граѓанските организации каква што доживеаја медиумите последниве години. Здодевно е десет години гра­ѓанските организации да ја оценуваат нашата работа, а никој ниту еднаш не дошол да види како работиме - рече новинарот Драган Павловиќ - Латас. Тој ја спомена нетранспарентноста во работата на гра­ѓан­скиот сектор како една од основ­ни­те причини за недовер­бата на јавноста во ГО. “Најголем дел од гра­ѓан­ските организации всуш­ност се владини, некои дури и семејни, некои пак се партиски мегафони и како такви тие не можат да зборуваат во име на гра­ѓан­ското општество. Затоа и не постои доверба во она што го зборуваат од страна на медиумите” - смета новинарот Драган Антоновски. Претставниците од граѓанскиот сектор, пак, главно ги изнесоа нивните разо­ча­ру­вања од непостоењето слух кај медиумите за нивните активности. Тие им забележуваат на медиумите дека се премногу свртени кон политички теми.

“Мој­ личен впечаток е дека медиумите не ги интересира гра­ѓан­ското општество, туку политиката. Ако се вклопите во политичките теми, тогаш ќе ве има во медиумите. Сегашната тема е дали ќе има предвремени избори или не и с$ додека не ја исцрпиме таа тема докрај во домашните медиуми, нема да има простор за други нешта. Сега е време за политика и за вести, а времето кога ќе се заситиме од нив и кога ќе ја сфатиме важноста на граѓанското општество допрва треба да дојде” - рече Горан Величковски, обраќајќи им се на присутните претставници од граѓанскиот сектор и нагласувајќи ги неговите повеќегодишни позитивни искуства со граѓанскиот сектор коишто ги разбиваат стеротипите за несериозноста и непосветеноста на ГО и профитот како прид­ви­жу­вачка сила во нивното дејствување.

Претставниците од МЦМС нагласија дека оценките коишто се даваат за работата на граѓанските организации се паушални и само ја засилуваат црно-белата слика којашто овие два сектори ја имаат еден за друг. Според истражувањето коешто го има направено овој центар, претставици на граѓанскиот сектор се присутни во медиумите со бројка од околу триста прилози и написи во текот на три месеци, но најголем дел од нив се само кратки известувања, а малубројни се анализите и пообемните коментари коишто навлегуваат во суштината на активностите на ГО.

На прес-конференцијата којашто и претходеше на трибината беше најавено дека оваа средба е само дел од проектот којшто во соработка со Институтот за социолошки, политички и правни ис­тра­жу­ва­ња и граѓанската организација СУНА ќе опфати уште четири вак­ви средби што ќе разработуваат различни аспекти од вклученоста на ГО во општествените случувања во земјата.

Н.Б