ЗАВРШЕН збор
Одржливост - еден добар мит
Даниел Кон-Бендит, роден на 4 април 1945 година во Монтобан, Франција, беше портпарол и лидер на Мајската револуција во Париз (1968), репер-настан на хипиерата во кој студентите се побунија против Виетнамската војна, владата на Де Гол и капиталистичкиот систем. По протерувањето од Франција, Кон-Бендит работеше во книжарницата Карл Маркс (1968-1973) а подоцна и како уредник и издавач. Од 1994 г. тој е домаќин на швајцарската телевизиската програма „Литературен клуб“ (Literaturklub). Кон-Бендит, сега жител на Германија, е член на Европскиот парламент и од 1999 ги застапува „Зелените“ во Брисел. Уредникот на Билтенот на РЕЦ, Павел Антонов, побара од него да направи споредба помеѓу кампањите од младинските движења во шеесеттите со европските предивици на денешницата - одржливоста и проширувањето на ЕУ.
- Во текот на вашето неодамнешно предавање на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, рековте дека по Втората светска војна, политичката елита на Европа му наметнува конзерватизам на општеството, што е гледиште на кое му се спротивставуваа младинските движења од шеесеттите. Дали ситуацијата во централна и источна Европа денес изгледа слично? Дали дојде време кога идеите за одржливост, праведност и чисто производство ќе ги заменат настојувањата за потрошувачка и економски развој по секоја цена од периодот по Студената војна?
· По комунизмот, луѓето од источните земји сакаа да ги достигнат животните стандарди на Западна Европа. По неколку години, таа насока полека почна да се менува. Иако денес се’ уште се чини дека грижата за пазарите им е доволна на либералните организации во општеството. Јас мислам дека идејата за едно социјално, еколошко и пазарно водено општество ќе биде една од главните карактеристики на проширената Европска унија.
- Дали бунтовната генерација на шеесеттите од Западот е виновна за денешниот пре-потрошувашки, неодржлив и неправеден свет?
· Не може да се зборува за една цела генерација. Но можат да се посочат некои од нејзините членови. Претставниците на оваа генерација ја делат одговорноста за владеењето со западните општества. Еден таков пример е Германија. Таму, ние се трудиме да го преориентираме општеството кон одржливост. Би рекол дека е крајно време нашата генерација да покаже што може да стори во тој поглед.
- Како мислите дека ќе влијае приемот на десетте нови земји кандидати во Европската унија врз одржливиот општествен развој?
· Мислам дека проширувањето е историски оправдано и дека е неопходно. Од друга страна, пак, проширувањето значи дека ќе треба да се смени начинот на кој функционира Европа. Мораме да ја засилиме европска институционална структура. И мора да започнеме интензивни разговори и дискусии со новите земји-членки за тоа како заедно да ги организираме реформите во нивните општества заедно со „старата Европа“, ако може да се искористи овој термин. Мислам дека најголемиот предизвик е како да се хармонизира желбата за поголемо богатство со неопходноста на квалитативниот раст. Ова значи дека богатството не треба да се добие по цена на уништување на животната средина. Ова е еден од главните проблеми кои треба да ги решиме заедно.
- Рековте дека некои од идеалите на движењето од шеесеттите биле митови кои му требале на општеството за да продолжи да се развива. Дали одржливиот развој е мит на нашето време?
· Мислам дека одржливиот развој ќе стане се’ повеќе реформистички. Тоа е целта. Тоа е насоката по која сакама да се одиме. Одржливоста е нешто многу едноставно - ако го развиваме нашето општество, наместо да уништуваме се’, тогаш сигурно ќе растеме на начин кој ќе трае подолго од само една генерација. Мислам дека ова е еден од главните митови во позитивна смисла, кој може да ја структуира денешното реформистичко движење.
- Како политичар кој бил дел од општествени и протестни движења, дали верувате дека оние кои се во политиката можат да ја поврзат оваа порака со секојдневните животи на луѓето?
· Јас сум атеист и не верувам во ништо, вклучувајќи го и обидот политиката да биде одговор на прашањата од секојдневниот живот на луѓето, како и обидот таа да го покаже патот кон иднината. Структуирањето на секојдневниот живот мора да биде во насока на одржлива иднина и она што ние како политичари треба да го сториме е едноставно да го организираме тоа.
(The Bulletin, regional environmental center for Central and Eastern Europe, March 2003)
|