Концепти
ПОЗНАВАЊЕ И СТАВОВИ ЗА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Истражувањето за довербата, одговорноста за општествените прашања и добротворството во Македонија го адресираше и познавањето и ставовите за конкретни граѓански организации и личности од граѓанскиот сектор.
Покрај општото познавање на граѓанските организации испитувано е и познавањето на граѓанските организации кои работат во три области: борба против сиромаштијата, развој на граѓанското општество и борба против корупцијата.
Познавање на граѓански организации кои работат во конкретни области
Познавањето граѓански организации кои работат во конкретни области е истражувано за организации кои работат во борба против сиромаштијата, развој на граѓанското општество и борба против корупцијата, при што е побарано од испитаниците да наведат конкретни организации без да се потсетуваат или да им се даваат примери.
Познавањето организации кои работат во овие три области е различно, при што релативно подобро е познавањето организации кои работат во борба против сиромаштијата, отколку организации кои работат на јакнење на граѓанското општество, а уште послабо е познавањето на организации кои работат на борба против корупцијата.
Графикон 1.
Препознати организации во борба против сиромаштијата?
На првите две места на листата на граѓански организации кои работат на полето на сиромаштијата се организации кои имаат социо-хуманитарен карактер и се занимаваат главно со итна помош. И покрај тоа што целна група на овие организа-ции се најсиромашните, општиот тренд дека подобри познавачи се оние со повисоки примања по член на семејството е карактеристичен и тука. Мнозинство од граѓаните (62.2%) не знаат да наведат ниту една граѓанска организација која работи на полето на сиромаштијата.
Графикон 2.
Препознати организации кои работат за јакнење на граѓанското општество
Како организации кои работат на јакнење на граѓанското општество се препознаваат организации кои и навистина го имаат специфично зацртано развојот на граѓанското опште-ство како своја цел, потоа организации кои работат на заштита на човековите права, избори и демократизација и сл. Големо мнозинство од граѓаните (70.9%) не знаат да наведат ниту една организација која работи на полето на јакнење на граѓанското општество.
Графикон 3.
Препознати организации кои работат во борба против корупцијата
За организациите кои работат на борба против корупцијата има уште послабо познавање, па така дури и оние кои себеси се сметале за познавачи имаат наведувано нерелевантни одговори, односно организации кои немаат директни активности во таа област. Ова одговара на ниското ниво активности кои граѓанските организации ги преземаат за борба против корупцијата. Иако не е граѓанска организација, Антикорупциската комисија се доживува како најактивна во борбата против корупцијата и е најчесто спомнувана. Големо мнозинство од граѓаните (75.7%) не знаат ниту една организација која работи на борба против корупцијата.
Познавањето на граѓанските организации е испитувано и со потсетување. Испитувана е општата информираност (слушнале) и познавањето (знаат) за листа од 23 организации.
Граѓаните покажуваат различна општа информираност и познавање на различни организации.
Позитивни/негативни ставови за граѓанските организации
Од познавачите за секоја поединечно од 23-те организации, наведени на листата, е побарано да одговорат дали имаат позитивен или негативен став.
Позитивните ставови за граѓанските организации се многукратно почести во однос на негативните. Појавата на негативни ставови за конкретни организации се јавува кај незначително малцинство од испитаниците (до 10%), а само за вкупно три од посочените 23 организации негативните ставови се над 10% (од 11,7 до 16,6%) и претставува мало малцинство од граѓаните.
Очигледно е дека во јавноста преовладува позитивното мислење за сите испитувани граѓански организации. Односот на позитивни спрема негативни ставови е позитивен за сите организации кои биле вклучени во истражувањето, односно на секој испитаник со негативен став доаѓа минимум 1,7 испитаници со позитивен став (за најниско рангираните организации) до максимум 13,5 испитаници со позитивен став (за највисоко рангираната организација).
Графикон 4.
Однос на позитивни спрема негативни ставови1
Заклучок
Добро општо познавање на граѓанските организации, но значително послабо познавање на нивната работа во конкретни области
Граѓаните во Македонија покажуваат добро општо познавање на граѓанските организации. Големо мнозинство (67.2%) од граѓаните знае да наведе конкретни граѓански организации.
Неповолни податоци се добиваат кога од општо познавање се оди кон истражување на специфичните познавања за тоа што работат граѓанските организации. Па така мнозинство од граѓаните (62.2%) не знаат да наведат ниту една граѓанска организација која работи на полето на сиромаштијата, а големо мнозинство не знаат да наведат ниту една организација која работи на полето на јакнење на граѓанското општество и на полето на борба против корупцијата (70.9%, осносно 75.7%). Ова укажува на тоа дека граѓанските организации не се доволно профилирани во јавноста бидејќи големо мнозинство од граѓаните (над 2/3) не се во можност да поврзат конкретни организации со активности во конкретни области.
|