Канцеларија за информирање и претставништво на ЕК во Словенија

Европска перспектива на Западниот Балкан
 

На 10 мај годинава, во Љубљана, Словенија, по повод  9 мај - Денот на Европа, се оддржа дебата на темата „Европска перспектива на Западниот Балкан”, организирана од страна на Канцеларијата за информирање на Владата на Р. Словенија, во соработка со претставништвото на ЕК во Р. Словенија. Присуствуваа околу 50 учесници на граѓанскиот сектор од земјите на Западниот Балкан и Словенија, а Македонија ја претставуваше Тања Хафнер-Адеми од Македонскиот центар за меѓународна соработка. Воведничари беа и Стево Мук, ЦРНВО (Црна Гора); Миодраг Схреста, Група 484 (Србија); Ахмед Туркич, директорат за ЕУ интеграции, Совет на министрите (Босна и Херцеговина); и Борут Гргич, Институт за стратешки студии (Словенија).

Целта на дебатата беше запознавање на заинтересираната словенечка јавност, а пред с$ на претставниците од владиниот сектор, со ситуацијата и преспективите во рамките на интеграциите во ЕУ на земји од Западниот Балкан. Секој претставник ги презентираше клучните проблеми во својата земја. Во Црна Гора тоа се потребата од поголема поддршка на ЕУ во областа на административните реформи, медиумите, борбата со корупцијата и медиумите. Претставникот на Србија го презентираше проблемот со визниот режим и ситуацијата со којашто земјите од Западниот Балкан стануват „црна дупка” опкружена со членки на ЕУ и со шенгенскиот визен режим. Претставникот на БиХ (единствен што го претставуваше владиниот сектор) ја презентирше состојбата со преговорите за Спогодбата за стабилизација и асоциација коишто БиХ ги започна на крајот на минатата година и растечкиот оптимизам поврзан со нив.

При презентирањето на состојбата во Македонија, беше направен осврт на потребата од што побрз пристап до претпристапните фондови и инструменти на ЕУ, со цел Македонија (како и другите земји) да се соочи со структурните проблеми и со генералните и нереалните очекувања на граѓаните за брзината и придобивките од членството во ЕУ.

Претставникот на Словенија во поголема мера стратешки се осврна на позицијата на земјите на Западниот Балкан коишто немаат друга алтернатива освен интеграција во ЕУ, а ја заблежа и можноста Словенија да фацилитира во олеснувањето на визниот режим, да помогне во развојот на човековиот капитал потребен во процесот на ЕУ и со конзистентната надворешна политика од регионот.

Од дебатата произлезе заклучокот дека нема алтернатива за интеграциите во ЕУ на земјите од Западниот Балкан, кои мора да се случат што поскоро и не смеат да зависат само од внатрешната динамика на ЕУ. Претставниците на владините институции од Словенија, како и нивните претставници во инситуциите на ЕУ, изразија подготвеност да соработуваат и да помогнат во процесот.

Т. Х. А.