Одговорност за општествените прашања
Државата да ни ја крои судбината!
Извештајот „Општествената одговорност на граѓаните” доаѓа како резултат на потребата да се провери одговорноста на граѓаните во поширока смисла. Извештајот овозможува увид во ставовите на граѓаните за одговорноста за битните општествени прашања, за нивната (на граѓаните) законска, морална или идеолошка одговорност кон заедницата и пошироко кон општеството. Исто така преку повеќе показатели се согледуваат и навиките и постапките на граѓаните во однос на некои прашања.
Одговорност за општествените прашања и алтруизам
Општествената одговорност може да биде законска, етичка, морална или заснована на вера или убедување (идеолошко). Истата може да се однесува на владата (добро владеење), на претпријатијата (социјална или општествена одговорност на претпријатијата) или на граѓанинот (граѓанска одговорност).
Ова истражување се однесува на општествената одговорност на граѓаните во поширока смисла. Таа се состои од два елементи, и тоа јавниот дух и граѓанската одговорност или граѓанското учество (Цивикус, 2004).
Во однос на ставовите за одговорноста за општествените прашања, за граѓаните државата сe уште е најодговорна за решавањето на општествените потреби, зголемена е вербата во солидарноста, а новиот развој и барањето одговорност од државата се сметаат за решение на општествените проблеми. Граѓаните имаат мала свест за сопствената граѓанска одговорност и потребата од нивно учество (партиципација). Се јавува јаз во перцепцијата на одговорноста, одејќи од општите кон конкретните ставови.
Мнозинството граѓани (52,9 %) сметаат дека државата е најодговорна за решавањето на општествените потреби. Очекувањата од државата се на минатогодишното ниво. Ова е одраз на етатистичката култура (државен социјализам). Отсуствуваат идеолошки разлики во однос на улогата на државата, граѓаните и приватниот сектор, меѓу симпатизерите на политичката десница и левицата во Македонија.
Вербата во солидарноста на граѓаните е зголемена на 39,3 % од 26,4 % во претходната година.
Начини на решавање на општествените потреби
Постои висока согласност (92,1 %) дека новиот развој, вработувањето и оспособувањето на граѓаните се решение за проблемите. Во барање одговорност од државата и влијанието на јавните политики веруваат 74,9 %, додека во социјална и хуманитарна помош како решение на општествените прашања веруваат малцинство од граѓаните (38,9 %). Ваквите ставови на јавноста може да бидат поддржувачки за поголемо внимание на новиот развој, наспроти социјалната помош.
Учество на граѓаните
Мало мнозинство на граѓаните имаат ставови за сопствената граѓанска одговорност и учество (партиципација). Тоа е во корелација со чувствувањето на државата како најодговорна за општествените прашања. Доколку општествената одговорност се анализира во потесна смисла без одговорноста за владеење на правото, поддршката за граѓанска одговорност и за учеството е на малцинство на граѓаните. Постојат големи јазови меѓу изјавите за граѓанска одговорност и реалноста.
Доколку 88,7 % од граѓаните сметаат дека постои одговорност за почитување на законите, кај јавниот дух тоа се намалува на 74,2 %, или од 57,8 % до 80,8 % за одговорноста за конкретни законски обврски (данок, плаќање сметки итн.). Јазот со реалноста е веројатно уште поголем.
Јавен дух
Македонија, и покрај малото подобрување (даноци), има низок кон умерен степен на јавен дух, изразен низ оправданоста за неплаќање данок, јавен превоз, комунални услуги и барање повластици од Владата за кои граѓаните немаат право.
Постои поддршка на големо мнозинство граѓани за плаќање данок (80,8 %), јавен превоз (79,9 %) и комунални услуги (78,4 %).
Поддршката за плаќање данок е во благ пораст во однос на истражувањето од 2004 година.
Помала поддршка, иако с$ уште од мнозинство граѓани (57,8 %), има небарањето повластици од Владата за кои не постои правна основа.
Во ова подрачје е зголемен бројот на граѓани кои сметаат дека треба да бараат повластици од Владата за кои немаат право.
Јавниот дух, односно поддршката е хомогена.
Малку помала поддршка има кај граѓаните со основно образование, и тоа за плаќањето данок (65,2 %) и (не)барање повластици од Владата (43,5 %).
Тука е поставено и прашање за јавување на отворени телефонски линии заради пријава/ жалба (на кршење на законот).
Бројот на оние кои се јавиле е 25 %, што ги поддржува претходните ставови за оправдување или неоправдување на кршење на законот.
|
|