ВО ЖЕНЕВА

Светски форум за граѓанско општество

Од 14 до 19 јули во Меѓународниот конгресен центар во Женева беше организиран првиот Светски форум за граѓанско општетсво. Иницијативата за организирањето на Светскиот форум за граѓанско општество потекнува од Милениумскиот форум на Обединетите нации, одржан во мај, 2000 г., во Њујорк, а е израз на желбата на ОН да работат во соработка со граѓанскиот сектор и НВО.

Целта на форумот беше да се зајакне меѓународната соработка, а особено соработката меѓу организациите на граѓанското општество и системот на ОН, вклучувајќи ги специјализираните агенции и други меѓународни организации, да се промовира соработката меѓу НВО од различни географски региони, како и НВО кои работат во различни сектори и да се создаде простор за дијалог на факторите на меѓународна сцена, како организациите на граѓанското општество, меѓунардоните организации и приватниот сектор.

Беа присутни делегати од НВО, истражувачки центри, агенции на ОН и други меѓунардони организации од целиот свет. Најбројни беа оние од Африка и од Азија, а многу помало беше учеството на организации од источна Европа, а посебно од Балканот.

Во работниот дел на форумот беа одржани низа пленарни сесии, работни групи, информативни дискусии, работилници и тркалезни маси на теми од областа на животната средина и одржливиот развој, родовите односи и развојот, човековите права, здравството, слободата на информирањето и информатичкото општество, мирот и разоружувањето, соработката меѓу граѓанското општество и приватниот сектор.

Форумот беше пропратен со низа придружни манифестации кои започнаа неколку дена пред неговиот почеток. Така, беа организирани обука за новинари, обука за раководење со развојни проекти и обука за човекови права. Исто така, беше организиран младиниски форум на кој своите активности можеа да ги презентираат младински организации од целиот свет, а истовремено можеа да дебатираат на различни теми. Пред центарот во кој се одвиваше Форумот беа поставени шатори во кои беше сместен изложбен дел каде организациите можеа да ја презентираат својата работа и земјата од каде доаѓаат преку пропаганден материјал. Имаше можност да се почувствуваат мирисите и вкусовите на традиционалните кујни од различни земји, да се следи филмски фестивал, театарски претстави, музички концерти и изложба на фотографии, со што беа презентирани култури од целиот свет.

С. Саздовска