Q&A

Дали НВО можат да се ослободат од царинските обврски?

Веќе подолго време, меѓу невладините организации се дебатира за проблемот на царинските обврски што ги имаат НВО, како и за можноста да бидат ослободени од нив, со оглед дека вршат активности од јавен интерес. Токму ова прашање - кои се главните видови царински обврски на НВО и дали постои можност за ослободување од истите, им го поставивме на надлежните од Минис­тер­ството за финансии.

На ова прашање одговара г-ѓа Ленка Пет­ковска од Секторот за царина при Минис­терството за финансии:
„Секоја стока што се увезува во Република Македонија подлежи на плаќање царина според стапките определени во Царинската тарифа, доколку со Царинскиот закон не е поинаку определено.
Ослободувањата од плаќање царина оп­фатени се во членовите од 180 до 184 од Царинскиот закон.
Во овие членови регулирано е осло­бо­дувањето од плаќање царина на странските лица (дипломатски и конзуларни прет­ставништва, како и претставниците на нивниот персонал), ослободување на прав­ни лица и ослободување на државните органи, односно корисниците единки на буџетот на Република Македонија.
Ослободувањето на правните лица е регу­лирано во членот 182, при што од плаќање царина се ослоободува стоката што ја увезува Црвениот крст на Република Маке­донија и други регистрирани хуманитарни и добро­творни организации во Република Маке­донија, и тоа за:

а) стоки што служат за намирување (задо­волување) на основните животни потреби на лицата на кои им е потребна помош, под услов да се увезуваат заради бесплатно до­де­лување;

б) стоки кои бесплатно им ги доставува странски лице или организација, која не е наменета за препродажба или вршење друга доходовна дејност и служи исклучиво за бесплатно доделување на лица на кои им е потребна помош;

ц) опрема која бесплатно им ја доставува странско лице или странска организација која не е наменета за препродажба или вршење друга доходовна дејност и служи исклучиво заради доделување на нивните животни потреби.

Под стоки за намирување на основните животни потреби се подразбира стока која е потребна за задоволување на основните човечки потреби, на пример прехранбени производи, облека, постелнина, шатори и контејнери за живеење.
Овие ослободувања не се однесуваат на алкохолот и пијалаците кои содржат алко­хол, тутунот и производите од тутун, кафето и оригиналниот чај и моторните возила.
Исто така, од плаќање царина се осло­бодени  противпожарните организации и други спасувачки служби, при што осло­бодувањето од плаќање царина се однесува само на стоката која е утврдена со мерките за организирање и опремување на силите на заштита, спасување и помош. Како спа­сувачки служби се сметаат цивилната заштита и јавните служби за заштита, спасување и помош, освен против­по­жар­ните служби.
Ова ослободување се однесува исто така кога се увезуваат предмети кои непосредно се наменети за вршење културна дејност и кои не се произведуваат во РМ,  и предмети кои се наменети за непосредно вршење социјална и образовна дејност.“

Ленка Петковска, Министерство за финансии на Република Македонија